Во периодот од 11 до 19.09.2019 година се реализираше билатерална соработка со вооружените сили на Република Хрватска. Билатералната соработка беше во формат на заедничка обука на баталјонот за почести на Армијата со почесно-заштитниот баталјон на ВС на Р. Хрватска.
Обуката се реализираше на тема: „Заедничка обука и изведба на Егзерцир“ при што беа покажани и извежбани строевите работи и постапки со оружје во место и движење, обединети во единствен редослед за изведба на Егзерцир. Припадниците на почесно-заштитниот баталјон прикажаа сегменти од строевата изграденост и вештините во ракување со вооружување при изведба на воено-акробатски вежби.
Размената на искуството во текот на заедничката обуката е исклучителна придобивка за припадниците на двете единици, а стекнатите знаења и вештини се применливи во сите сегменти од обуката и секојдневната работа на баталјонот за почести. Во текот на активностите се изгради одлична работна атмосфера, взаемна доверба и посветеност на задачите што претставува вовед во идна продлабочена соработка.
Заедничката обука се заокружи со презентација на Егзерцир и воено-акробатска вежба на отворен настан пред трговскиот центар Бисер во Скопје, а присутните имаа можност да ги проследат изведбите на гардистите и на воениот оркестар.