Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата (ЗНГШ), генерал-мајор Азим Нуредин учествуваше и се обрати на церемонијата по повод одбележување на 122 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк, која се одржа во НУ Завод и музеј во Битола.
Традиционалното одбележување на годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола од страна на високи воени претставници и питомци од воените училишта на вооружените сили (ВС) на Република Турција, со кои Армијата на Република Северна Македонија има одлична соработка, се реализираше и оваа година со почитување на протоколите кои се применуваат во пандемијата предизвикана од вирусот „Ковид- 19“.
Во обраќањето пред присутните на свечената церемонија ЗНГШ на Армијата го истакна значењето на оваа историска личност преку цитат на дел од Резолуцијата на UNESCO посветена на Ататурк, каде е истакнато дека личностите кои работеле на разбирање и соработка меѓу народите и меѓународниот мир ќе бидат пример за идните генерации.
„Во земјата на Мустафа Кемал Ататурк, Република Северна Македонија отсекогаш имала стратешки сојузник и голем пријател. Земја со која делиме слични вредности и со која се стремиме кон заедничка и просперитетна иднина, особено сега како членка на НАТО, оваа соработка имаме можност уште повеќе да ја продлабочуваме.“ – истакна во својот говор генералот Нуредин.
На свечената церемонија, покрај воената делегација од ВС на Република Турција предводена од бригадинот генерал Мустафа Ер, присуствуваа и амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија Н.Е Хасан Секизќок, државниот секретар во МО, Драган Николиќ, градоначалничката на Битола, г-ѓа Наташа Петровска, претставници од нашата Армија кои имаат завршено школување на воените установи во Турција и претставници од турската заедница.