Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска беше информиран за унапредувањето на родовата перспектива во Министерството за одбрана и Армијата, родовата структура, Националниот акциски план и политиките за еднакви можности.
На презентацијата беше истакнато дека Министерството за одбрана и Армијата работат на системски решенија за подобрување на родовата еднаквост и унапредување на правата на вработените.
Претставниците на работната група за унапредување на родовата перспектива во одбраната го информираа претседателот дека целосното нормативно уредување и имплементацијата на родовата перспектива во одбраната е во согласност со политиките кои НАТО ги презема во однос на агендата за жените и безбедноста. Во Законот за служба во Армијата и Законот за одбрана се воведени родови компоненти, како и родова структура во Министерството и Армијата, придонесувајќи кон зголемување на родовата сензитивност.
Претседателот Пендаровски истакна дека еднаквите можности и инклузивните родови политики се обврска на сите политички чинители во општеството, како и на севкупната раководна структура во Министерството за одбрана и Армијата. Во таа насока потребно е доследно спроведување на позитивните законски прописи, како и исполнување на обврските како членка на НАТО во чија армија мажите и жените се дел од воените и цивилните структури, како и дел од меѓународните операции и вежби.
Претседателот додаде дека како одраз на поддршката на политиките за еднакви можности, во Кабинетот на претседателот за првпат е поставена аѓутантка, како и ангажирана советничка за прашања од областа на родови политики и еднакви можности.
Претседателот Пендаровски исто така истакна дека покрај постигнатиот напредок, како општество треба да направиме уште крупни чекори за поголема родова еднаквост и инклузивни родови политики во различните сектори.