Денес, 29 декември 2025 година, во Генералштабот на Армијата, офицерот за родова еднаквост реализираше обука со дел од вработените на тема „Превенција и спречување на појави на вознемирување на работното место“.
Во рамки на обуката беа презентирани законските механизми за заштита, како и улогата и одговорностите на секој вработен во спречување на појавите на вознемирување. Притоа беше истакнато дека секој вработен има обврска да го почитува работниот ред и дисциплина, да се придржува кон начелата на коректно и пристојно однесување и активно да придонесува за создавање работна атмосфера заснована на тимска работа, соработка и заемна почит, без каков било облик на вознемирување.
Денешната обука беше организирана со цел унапредување на информираноста и јакнење на свесноста за значењето на почитувањето на достоинството, интегритетот и меѓусебната почит во работната средина. Дополнително, согласно член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работното место, Министерството за одбрана и Армијата имаат законска обврска сите вработени и кандидати за вработување задолжително да ги запознаат со одредбите од Упатството и Законот за заштита од вознемирување на работното место, како и со мерките, постапките, правата, обврските и одговорностите на работодавачот и работникот во оваа област.








