Припадниците на Ренџерскиот баталјон, денес во касарната „Илинден“, со воена свеченост го одбележаа денот на формирањето на оваа единица кој ренџерите го одбележуваат како Ден на единицата.
На свеченоста на која присуствуваше министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред присутните се обрати заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин.
Во своето обраќање, генералот Нуредин истакна дека Ренџерскиот баталјон е единица која во своите почетоци беше во состав на Одредот за специјални намени, подоцна трансформиран во Полк за специјални операции, а согласно новата структура е на ранг на самостоен баталјон и треба да се трансформира во извидувачко разузнавачки баталјон. Воедно генералот истакна „Денес кога го славиме 18-от роденден можеме да се гордееме со успесите на единицата, резултатите и добиените признанија за многубројните успешно извршени задачи, учеството во мисиите во Ирак и Авганистан, како и завршените курсеви и обука, учеството на вежбовни активности во земјата и странство. Сето ова се докази кои го потврдуваат значењето на оваа единица за Армијата и за државата“.
Командантот на ренџерите, потполковник Ментор Саити во своето обраќање се наврати на почетоците од формирањето на оваа единица и рече дека успеавме да ги совладаме предизвиците и да го задржиме духот, професионализмот, лојалноста, стандардите и пред се достоинството на ренџерите, и порача посветено да продолжат по патот на успесите кои со години го трасираат како вистински и храбри воини, водејќи се по нивното мото „СЕКОГАШ ЧЕКОР ПОНАПРЕД“.
На свеченоста присуствуваа и заменикот министер за одбрана Башким Хасани, државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ и командантите од единиците стационирани во касарната „Илинден“.
Припадниците на Ренџерскиот баталјон (Рб) во изминатиот период во пресрет на денот на единицата организираа крводарителска акција, хуманитарна акција на која го донираа својот додаток во исхраната на децата сместени во интернатот на ООУ„Гоце Делчев“ во с. Љубанци. Исто така беа организирани и ренџерски спортски игри и отворен ден во касарната „Илинден“ по кој повод денес на победникот се додели признание.