Со денешната воена церемонија во центарот за обука „Пепелиште“, се означи почетокот на мултинационалната теренска вежба ,,Брз Одговор 23“ (Immediate Response 23), која ќе се реализира во период од 22 мај до 02 јуни 2023 година на армискиот полигон „Криволак“.
На церемонијата за отворање на вежбата присуствуваа: началникот на штаб во Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на прва пешадиска бригада, бригаден генерал Сашко Лафчиски, претставници од Командата за операции и претставници на земјите учеснички на вежбата.
Пред учесниците на вежбата се обрати офицерот со примарна одговорност на вежбата, потполковник Јонче Лазаревски кој истакна дека вежбата „Брз Одговор 23“ ќе ја засили и воздигне соработката помеѓу земјите учеснички на вежбата, ќе изгради доверба и разбирање за подобра соработка и координација во регионот и ќе промовира подобра интероперабилност.
На вежбата ќе учествуваат околу 1800 припадници од Армиите на Република Северна Македонија, САД, Република Албанија, Република Црна Гора и безбедносните сили на Косово. Цел на вежбата е подобрување на сојузничките воени способности, интероперабилноста на сојузниците и партнерите и преку демонстрација на висока подготвеност да влијае на одвраќање на било кој вид на малициозни активности од потенцијалните противници.