Во период од 07.07.2017 до 21.07.2017 година припадници на АРМ од составот на баталјонот на воена полиција, полкот за специјални операции и инженерискиот баталјон ќе учествуваат на вежбата „Saber Guardian 2017“ која ќе се реализира на територијата на Република Романија и Република Бугарија.
Вежбата „Saber Guardian 2017“ е во организација на Армијата на САД во Европа и на неа ќе учествуваат повеќе од 25.000 припадници од 23 армии на НАТО земјите членки и партнерските армии.
Армијата на Република Македонија учествува на оваа голема меѓународна вежба која се одржува секоја година почнувајќи од 2013 година.
Вежбата „Saber Guardian 2017“ е мултинационална комјутерски асистирана вежба на Командно место и вежба на терен. На вежбата покрај останатото ќе бидат изведени: противавионска артилериска вежба на териториите на Романија и Бугарија, Извежбување на правење премин преку река, Постапки при појава на масовни жртви и друго. Во склоп на вежбата ќе биде изведена и национална бугарска вежба на армијата на вооружените сили на Република Бугарија „Peace Sentinel“, а во продолжеток на вежбата со дел од припадниците на „2 Cavalry Regiment“ (2CR) на Армијата на САД во Европа во Република Македонија ќе се реализира билатералната вежба на АРМ и Армијата на САД во Европа „Dragoon Ride 17“.
Единиците на Армијата на Република Македонија преку учеството на овие меѓународни вежби со својата обученост и искуството кое го поседуваат ја презентираат компатибилноста со процедурите и стандардите кои ги користат НАТО партнерските армии.