Тим на сајбер-специјалисти од Генералштабот на Армијата и Воениот тим за одговор на сајбер- безбедносни инциденти во МО и Армијата учествуваат на вежбата „Cyber Soko 25“ во областа на сајбер-одбраната како дел од „Immediate Response 25“ (“Defender Europe 25”), во периодот од 26.05. до 06.06.2025 г., во Военовоздухопловната база „Кнез Данило“ во Подгорица, Црна Гора.
На „Cyber Soko 25“ покрај припадниците на МО и Армијата учествуваат сајбер-експерти од Црна Гора, Националната гарда на американските сојузни држави Мејн и Вермонт, како и претставници од црногорскиот владин и цивилен сектор. Ваквиот широк состав на учесници е показател за заедничката посветеност кон унапредување на колективната сајбер-отпорност и заштита од современи закани во дигиталниот простор со што се засилува координацијата помеѓу клучните структури на општеството.
Вежбата е планирана да се одвива во два сегмента – извршниот дел на вежбата ќе биде реализиран во објектите на Војската на Црна Гора, додека еднодневната интерресорна симулација за одговор на сајбер-заканите, во форма на „Table-top“ вежба ќе биде одржана во Подгорица. Целта на оваа вежба е зајакнување на способностите на учесниците во активно следење и реакција на сајбер-заканите и подобрување на соработката и споделувањето на информации меѓу сојузничките нации во заштита на сајбер-просторот, во извршниот дел, додека за време на „Table-top“ вежбата ќе се тестира меѓуинстуционалната соработка и интероперабилноста на црногорските институции со НАТО.
“Defender Europe 25” е една од најзначајните воени вежби предвоедена од Вооружените сили на САД, во која учествуваат 25 000 војници од 30 држави, потврдувајќи ја подготвеноста на НАТО да одговори на безбедносните предизвици на копно, море, воздух и во сајбер-просторот.
Преку учеството на „Cyber Soko 25“, Армијата на Република Северна Македонија повторно го демонстрира својот активен ангажман во регионалната и евроатлантската безбедносна архитектура, посебно во делот на сајбер-одбраната. Вежбата претставува значаен чекор во градењето на капацитети кои се неопходни за соочување со новите безбедносни предизвици и за одржување на безбедна дигитална средина, во согласност со стандардите и принципите на НАТО.