Армијата на Република Македонија со изведба на тактичка вежба со боево гаѓање „Засилен механизиран пешадиски баталјон во напад“, на Армискиот полигон Криволак, го прикажа нивото на обученост и извежбаност на своите припадници во извршување на офанзивни операции на поголеми здружени состави од повеќе единици на АРМ.
Приказот на мерките и процедурите во извршување на во борбените постапки во сложени услови на воиштето, со употреба на голема огнена моќ ја претстави подготвеноста на АРМ за исполнување на уставната мисија за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, но и за сите предизвици кои се очекуваат од НАТО предводените операции.
Тоа беше и истакнато од страна на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата, Ѓорге Иванов во неговото обраќање пред припадниците на АРМ кои учествуваа во вежбата.
Помеѓу другото од страна на највисокиот воен раководител беше одадено признание за професионалното однесување, високата мотивираност, покажаните вештини и обученост не само за беспрекорно изведената вежба, туку и штотуку завршеното оценување на вежбата „Македонски блесок-13“, но и за сите ангажирања на припадниците на АРМ во справувањето со елементарните непогоди.
Импресиите од денешната активност и пред се покажаната интероперабилност на постапките на декларираните единици во согласност со стандардите на НАТО беа искажани од страна на командантот на првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во изјавите пред медиумите.
На тактичката вежба со боево гаѓање учествуваа повеќе од 800 припадници на АРМ во јачина на механизиран пешадиски баталјон од 1.мпбр, засилен со други единици од бригадата, полкот за специјални операции и воздухопловната бригада. Согласно сценариото од нивна страна се прикажаа синхронизирани постапки во справување со терористичка група со употреба на огнена подготовка од повеќе видови на артилериски орудија и хеликоптерите МИ 17, потиснување на непријателот, уфрлување на тимови од специјалните единици за неутрализирање на раководни старешини но и евакуација на повредени и други постапки.
Единиците кои учествуваа во денешната вежба се дел од средната пешадиска баталјонска група, која штотуку го заврши повторното оценување, согласно концептот за оперативни способности на НАТО ниво 2, на кое според прикажаното можеме да бидеме сигурни дека официјалната оценка која треба да биде соопштена ќе соодветствува со прикажаното.
На гаѓањето покрај највисоките воени авторитети, Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата, Ѓорге Иванов, Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, генералите во АРМ, присуствуваа пензионирани генерали, команданти на единиците во АРМ, асоцијацијата на воени аташеи, НАТО советодавниот тим и голем број на други поканети гости.
Армијата на Република Македонија во годината кога одбележува 25 години од формирањето, покрај планираните учества на многуте домашни и меѓународни вежби и учеството во мировните мисии се уште е присутна на нашата јужна граница, будно следејќи ја миграциската ситуација, но и секогаш беше онаму каде од неа тоа се бараше во справување со природните непогоди.