Единиците на Армијата на Република Македонија кои учествуваат на меѓународната вежба „Анаконда-16“ согласно доделените задачи во склоп на заедничките активности со останатите контингенти од денешниот ден ги почнаа активностите на локациите каде се разместени.
Припадниците на АРМ од составот на механизираната пешадиска чета во реонот на Дравско Поморское изведуваат целодневни активности во ситуациони вежби кои ќе се користат во завршните вежбовни активности согласно зададеното сценарио на вежбата.
И припадниците од состав на водот на воената полиција и полкот за специјални операции во своите реони на разместување веќе втор ден ги изведуваат доделените задачи прикажувајќи го досегашното стекнато искуство.
Во текот на денот припадниците од водот на воена полиција заедно со своите колеги од 709 баталјон на воената полиција од Армијата на САД извршија задачи за обезбедување на премин преку река на вториот коњанички полк, по што и самите извршија премин преку понтонски мост поставен од страна на инженериските единици на Вооружените сили на Германија и Обединетото Кралство.
За време на операцијата единицата на воена полиција и логорот каде се сместени нашите припадници беа посетени од генерал мајор Дуан Гамбле, генерал мајор Марк Инч и полковник Артуро Хортон од Армијата на Соединетите Американски Држави.
Во следните денови вежбовните активности и доделените задачи ќе се интензивираат и ќе стануваат покомплексни согласно сценариото на вежбата.