Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски учествуваше во состав на делегацијата на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на нејзината работна посета на Кралството Белгија, каде што учествуваше на Самитот за проширувањето на Европската Унија, организиран од „Јуроњуз“ (Euronews).
Во рамките на посетата, началникот на Генералштабот учествуваше во активностите поврзани со одбранбената и безбедносната соработка, со посебен акцент на соработката со НАТО и придонесот на Армијата во колективната безбедност.
Согласно програмата на посетата, македонската делегација оствари средби со нашите претставници во Дипломатско-конзуларното претставништво во Брисел и Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (SHAPE) во Монс. За време на престојот, делегацијата оствари средба со врховниот командант на сојузничките сили во Европа (SACEUR), генералот Алексус Грегори Гринкевич, на која беа разменети мислења за актуелните глобални безбедносни предизвици, стратешките приоритети на Алијансата и придонесот во колективната одбрана на НАТО.
Дополнително, на средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, беа потврдени цврстите сојузнички односи и разменети мислења за клучните безбедносни предизвици, стратешките приоритети и натамошното унапредување на одбранбената соработка со Алијансата.
Оваа посета на државната делегација претставува потврда на континуираниот придонес на нашата држава и Армијата во зачувувањето на глобалниот мир, стабилноста и сојузништвото со НАТО.








