Во генералштабот на АРМ во присуство на НГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и началниците на секции и канцеларии во ГШ на АРМ се изврши примопредавање на должноста Заменик на НГШ на АРМ.
Согласно Указот на Претседателот на Република Македонија, од генерал-мајор Мухамет Рацај, должноста Заменик на НГШ на АРМ ја прими генерал-мајор Азим Нуредин, кој досега беше началник на штаб во здружената оперативна команда.
На церемонијата по соопштувањето Указот за поставување, НГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски му искажа добредојде на генералот Нуредин и му посака успешна работа и придонес во исполнувањето на задачите кои произлегуваат од мисијата на ГШ на АРМ.
Генералот Нуредин пред присутните кажа дека е чест но и одговорност да се извршува една од највисоките функции во АРМ, притоа истакнувајќи дека професионализмот кај старешините во извршувањето на задачите е една од препознатливите особини која Армијата на Република Македонија ќе ја доведе до зацртаната цел.
Генералот Рацај истакна дека е потребно време да се сублимира досегашната воена кариера, во која како и останатите генерали целиот работен век го имаат посветено на армијата, притоа упатувајќи благодарност на сите припадници на АРМ за соработката.
Генерал-мајор Азим Нуредин во својата воена кариера има извршувано повеќе командни и раководни функции на ранг на чета и баталјон, началник на штаб во полкот за специјални операции и во здружената оперативна команда.