На денешната свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, со примопредавање на военото знаме на единицата, официјално се изврши примопредавање на должноста „Командант на баталјонот на Воена полиција“.
Должноста командант на баталјонот на Воена полиција од потполковник Васко Коколански, ја прими потполковник Кире Николовски, досегашен Заменик командант и началник на штаб на баталјонот на Воена полиција.
Согласно Правилото за воен протокол, на свеченоста пред стројот на единицата и присутните гости, со пригодни говори се обратија: командантот на ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски, досегашниот и новопоставениот командант на баталјонот на Воена полиција.
Генералот Арсоски истакна дека како претпоставена команда се особено горди што во изминатите години под раководство на досегашниот командант потполковник Васко Коколански, баталјонот на Воена полиција ги докажа своите квалитети и способности со беспрекорно извршување на сите задачи, преку учества во вежбовните активности и оценувања на декларираните единици.
Во својот говор досегашниот командант потполковник Васко Коколански истакна дека е горд што бил дел од единицата, а посебно можноста да биде командант на баталјонот на Воена полиција, воедно заблагодарувајќи се на колективот за укажаната поддршка. Новиот командант, потполковник Кире Николовски, истакна дека за него претставува чест и задоволство да се биде на чело на единица која многупати досега се има докажано во справување со сите предизвици од најразличен вид и обем.
На свеченоста покрај командантот на ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски присуствуваа и претставници од МО, ГШ на АРМ, ЗОК, поранешни команданти на единицата, командантите на единиците лоцирани во касарната „Илинден“, претставници од јавните установи и служби, правни и физички лица со кои единицата соработува.