Делегација на АРМ предводена од Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес положи венец со свежо цвеќе на спомен обележјето во Ротимље кај Мостар, каде пред единаесет години трагично загина поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Генералот Котески присуствуваше на церемонијата за одбележувањето на единаесет годинишнината од загинувањето на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, која се одржа во Ротимље, на местото каде се урна владиниот авион.
Вчера, во рамките на официјалната посета на Босна и Херцеговина, Началникот на ГШ на АРМ, во кампот Бутмир кај Сараево го посети Центарот за мировни операции (PCOTC), на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, каде беше запознаен со работата на овој центар и идните планови на полето на соработката со АРМ. За време на престојот во кампот Бутмир, генералот Котески се сретна со припадниците на АРМ кои се распоредени во мисијата АЛТЕА, при што беше информиран за извршувањето на задачите во мисијата на ЕУ.
По средбата со македонските мировници во АЛТЕА, делегацијата предводена од НГШ на АРМ, положи венец со свежо цвеќе на спомен обележјето на загинатите припадници од воздухопловната бригада на АРМ кои загинаа во хеликоптерска несреќа враќајќи се од мисијата АЛТЕА.