Денес (21-ви септември 2013 година), на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ свечено е отворена билатералната воена вежба „Предизвик 2013“. Вежбата „Предизвик 2013“ е шеста по ред од ваков вид на која на од денес до 27-ми септември, на АП „Криволак“ заедно ќе учествуваат припадници баталјонот за противвоздушна одбрана (бПВО) кој е од составот на воздухопловната бригада на АРМ и единица за ПВО од вооружените сили (ВС) на Република Словенија.
Вежбата ја отвори заменикот на началникот на штабот на Здружената оперативна команда на АРМ, полковник Сретан Димитриевски кој пред припадниците на двете армии истакна дека „Предизвик 2013“ претставува драгоцено искуство во понатамошната обука за бПВО на АРМ, а научените лекции од вежбата ќе се применуваат во обуката на останатите припадници на баталјонот, за изведување на процедурите за ПВО, согласно со стандардните оперативи процедури на НАТО.
На вежбата и претходеше заедничка обука на припадниците на двете армии, при што теоретскиот дел од обуката за лесен преносен ракетен систем (ЛПРС) „ИГЛА“ се реализираше со инструктори од бПВО во период од 20.05. до 31.05.2013 година, додека практичниот дел со обука на тренажери и симулатори се реализираше во јули годинава под раководство на инструктори од ВС на Република Словенија.
За време на вежбата, планирано е да се реализираат боеви гаѓања на цели во воздушниот простор со ЛПРС „ИГЛА“, како и повеќе тренажни, технички и испитно-школски гаѓања на цели во воздушен простор. Се очекува вежбата да даде соодветен придонес кон обученоста, интероперабилноста и борбената готовност на бПВО на АРМ.
Реализацијата на вежбата „Предизвик 2013“ претставува продолжување на започнатиот проект за јакнење на борбените капацитети за ПВО на АРМ, но и уште еден импулс кон јакнењето на билатералната воена соработка на АРМ со ВС на Република Словенија.