Денес, во касарната Илинден во Скопје, се одржа воена свеченост по повод примопредавањето на должноста Командант на инженериски баталјон (инжб) од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).
Од досегашниот командант на инженерискиот баталјон, потполковник Васил Митевски, должноста ја прими потполковник Арбен Јакупи, кој досега беше командант на центар за индивидуална обука во Командата за обука и доктрини (КОД).
На свеченоста присуствуваа: заменикот на командантот на 1.мпбр полковник Бесник Емини, команданти и претставници од командите и единиците на АРМ како и поранешни команданти на инженерискиот баталјон.
Пред стројот на единицата и присутните гости во своето обраќање заменикот на командантот на 1.мпбр полковникот Бесник Емини, му се заблагодари на досегашниот командант за вложениот труд и покажаните резултати за време на неговото командување со единицата, а на потполковникот Арбен Јакупи му упати искрени честитки по повод стапувањето на новата должност, со желба за успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со баталјонот во наредниот период.
Досегашниот командант на инженерискиот баталјон, потполковникот Васил Митевски, во својот говор ја истакна пожртвуваноста на припадниците на баталјонот во извршувањето на бројните задачи за време на неговото командување со баталјонот, од изградбата на неколкукилометарската заштитната ограда на јужната граница за време на мигрантската криза, па се до бројните задачи за помош на населението во поплавите во скопскиот и тетовскиот крај, оддавајќи му големо признание на секој припадник на инженерискиот баталјон.
Новопоставениот командант, потполковникот Арбен Јакупи, се заблагодари на укажаната доверба за поставувањето на оваа одговорна должност,ветувајќи дека, како командант на инженерискиот баталјон ќе го даде својот максимум и во иднина под негова команда баталјонот да продолжи со истото темпо во извршувањето на задачите на баталјонот, постигнувајќи уште поголеми резултати.
На крајот од свеченоста следуваше церемонијалното примо-предавање на военото знаме на инженерискиот баталјон, со што и официјално беше извршено примопредавањето на должноста командант на инжб.
СМ/ИМ/ПА