генерал-полковник Панде Петровски
Роден е на 26 декември 1943 година во село Живојно, Битолско, Р. Македонија. Со сопругата Пандора (1944), имаат две деца, ќерка Билјана (1974) и син Зоран (1966).
Основното образование го завршил во 1958 година, а потоа и Индустриско училиште во 1961 година. Воена академија на Копнената војска на ЈНА завршил во 1965 година, а Командно-штабна академија во 1976 година. Во 1985 година завршил и Школа за народна одбрана.
Во чин потпоручник бил произведен во 1965 година, а во 1968 година унапреден е во чин поручник. Чин капетан добил во 1971 година, а во чин капетан 1. класа е унапреден во 1973 година (вонредно), во чин мајор во 1977 година (вонредно), во чин потполковник во 1982 година, во чин полковник во 1986 година (вонредно), во чин генерал-мајор во 1993 година, во чин генерал-потполковник во 1997 година и во чин генерал-полковник е унапреден во 2001 година.
Својата служба ја извршувал во повеќе различни гарнизони на ЈНА, и тоа: Јастребарско (1965-1976), Прилеп (1976-1981), Велес (1981-1986), Приштина (1986-1989), а во новосоздадената македонска армија, по осамостојувањето на Р. Македонија и гарнизоните Скопје (1989-1992 и 1996-2002) и Битола (1992 -1996), извршувајќи повеќе должности:
- Командир на вод (1965-1969);
- Командир на чета (1969-1970);
- Заменик-командант на баталјон (1970-1971);
- Референт за физичко воспитување во бригада (1971-1972);
- Командант на оклопен баталјон (1972-1977);
- Помошник на началникот на штаб за оперативно-наставни работи (1977-1980);
- Началник на штаб, а воедно и заменик-командант на бригада (1980-1986);
- Командант на бригада (1986-1989);
- Началник на органот за персонални работи во 3. Воена област (1989-1992);
- Командант на армиски Корпус (1992-1996);
- Помошник на началникот на Генералштабот на АРМ за борбена готовност (1996-2001);
- Заменик на началникот на Генералштабот на АРМ (2001);
- Началник на Генералштабот на АРМ (2001);
- Советник на министерот за одбрана на Р. Македонија за развој и употреба (2001-2002).
За своите постигнувања во развојот и афирмацијата на армијата, добивал бројни признанија, пофалби, награди и одликувања, а меѓу другото е одликуван и со:
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви во 1968 година;
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда во 1974 година;
- Орден на трудот со сребрен венец во 1982 година;
- Орден за воени заслуги со златни мечеви во 1990 година.
Автор е на книга за настаните во 2001 година, а издадена во 2006 година, со наслов „Сведоштва 2001“.
Пензиониран е во 2002 година, а починал на 31 декември 2006 година. Неговото вечно почивалиште се наоѓа во Битола.