На 21 мај 2026 година, 73 ученици на возраст од 7 години од ООУ „Јоаким Крчоски“ – Скопје, заедно со своите наставници, ја посетија единицата на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на Армијата во рамки на едукативна и информативна активност.
За време на посетата, учениците имаа можност преку разговори, презентации и практични објаснувања да се запознаат со основните задачи и улогата на военото воздухопловство. Припадниците на вВИНГ на едноставен и интересен начин им ја претставија работата на воздухопловните единици, како и значењето на професиите поврзани со воздухопловството.
Најмладите посетители покажаа особен интерес за професијата пилот и за начинот на функционирање и одржување на воздухопловите. Во рамки на активноста, тие имаа можност одблиску да разгледаат дел од воздухопловите кои се користат во Армијата и да слушнат повеќе за нивната намена и употреба.
Посетата беше реализирана во позитивна и интерактивна атмосфера, при што учениците активно учествуваа со прашања и покажаа голема љубопитност за воздухопловството и работата на Армијата.
Со ваквите активности, вВИНГ продолжува да ја развива соработката со образовните институции и да придонесува кон доближување на воздухопловството и воените професии до младата популација.








