Како дел од одличната воена соработка со вооружените сили (ВС) на Република Турција, традиционално по повод одбележувањето од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, во тридневна официјална посета на нашата држава престојува делегација составена високи воени претставници и питомци од воените училишта.
Во текот на вчерашниот ден во генералштабот се оствари средба помеѓу бригаден генерал Алтан Ер, кој ја предводи делегацијата и заменикот на НГШ, генерал-мајор Азим Нуредин, на која се разговараше за меѓусебната соработка на Армијата со ВС на Република Турција, како и за континуираната поддршка која Република Турција ја дава на нашата армија.
Во своето обраќање на свечената церемонија, заменикот на НГШ истакна дека делото на Мустафа Кемал Ататурк вечно ќе живее, како што ќе продолжи да живее и да се развива нашето пријателство. Горди сме што еден ваков војсководец бил образуван и живеел на овие простори, рече генералот Нуредин, притоа нагласувајќи историската мисла „Мир во земјата, мир во светот“, нека биде поттик за одржување на традиционалното пријателство меѓу нашите народи, со можност за понатамошно унапредување на односите, не само во сферата на одбраната туку и во останатите сфери на живеење и делување.
Свечената церемонија која се одржа во Музеј Битола на која се одбележаа 120 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк, беше збогатена со засадување на стебло, посета на спомен собата, како и читање на поезија од страна на кадетите во чест на ликот и делото на Мустафа Кемал Ататурк.