Во рамки на работната посета на претставници од НАТО Штабот за специјални операции на Армијата, денес во кабинетот на началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се одржа средба со делегацијата на штабот за специјални операции предводена од заменик на командантот, бригаден генерал Робин Стефенсон.
На средбата на која присуствуваа и заменикот на началникот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на генералштабот, генерал-мајор Зоран Милевски и командантот на полкот за специјални операции бригаден генерал Методи Хаџи Јанев се разговараше за понатамошниот развој и можностите за соработка во областа на специјалните операции на НАТО, како еден важен сегмент на интероперабилност по нашето членство во Алијансата.
Делегацијата на НАТО штабот за специјални операции, која за првпат се наоѓа во работна посета на Армијата во овие два дена одржа средби и состаноци со раководни лица од секциите од генералштабот и полкот за специјални операции на кои покрај запознавање со состојбата и статусот на нашите специјални сили се дискутираше за идниот модел на поддршка од страна на сојузничките команди за специјални операции и потребни заеднички активности на ова поле.