Припадниците на Бригадата за логистичка поддршка (брЛП) по седми пат од нејзиното формирање согласно постојната формација со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата.
Заменикот командант на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Орце Јордев, честитајќи им го денот на единицата на припадниците на брЛП, нагласи дека квалитетната и навремена логистичка поддршка сигнификантно влијае во извршувањето на задачите на Армијата, а посебно во изминатиот период во поддршката на Министерството за внатрешни работи на јужната и северната граница на нашата татковина.
Командантот на брЛП, полковник Мухарем Мухареми, по историскиот осврт во спомен на денот кога во 1876 година започнало Разловечкото востание, во своето обраќање рече дека во досегашното ангажирање покажаа дека логистичките елементи на Армијата и со лимитирани ресурси успешно одговараат на логистичките предизвици кои произлегуваат од теренот.
На свеченоста, беа прочитани и доделени стимулативни мерки за постигнатите резултати во работењето на дел од припадниците на брЛП, а беа прогласени и најдобриот готвач, механичар и возач кои се натпреваруваа во пресрет на одбележувањето на Денот на единицата.
На денешната свеченост покрај началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменикот министер за одбрана, Беким Максути, присуствуваа и заменикот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, заменикот на командантот на ЗОК, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на пСО, бригаден генерал Методи Хаџи-Јанев, команданти на единици од составот на АРМ, поранешни команданти на единицата и други гости.
ЧС/БН