Офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата, заедно со припадниците на Националната гарда на Пенсилванија од САД, прикажаа врвна обученост и интероперабилност на Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар“ кој се реализира на Армискиот Полигон„Криволак“.
На Денот за високи гости покрај, Претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Началникот на генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, в.д. амбасадорката на САД, Микаела Швајцер-Блум, присуствуваа и министри во владата, претставници од Собранието на Република Северна Македонија, високи воени претставници на вооружените сили на, САД, Бугарија, Албанија, Грција и НАТО, како и амбасадори и одбранбени аташеи акредитирани во земјава, генералите во Армијата и други.
Денот за високи гости го отворија началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски и директорот на вежбата, потполковник Игор Манасовски.
Генералот Ѓурчиновски истакна дека мултинационалната вежба „Одлучен Удар“ е доказ за нашата одлучност, посветеност и капацитет за учество во сегашни и идни мисии на Алијансата, како препознатлив и доверлив сојузник.
По завршувањето на вежбовните активности врховниот командант на Армијата, Стево Пендаровски истакна: „Денешната вежба покажа дека припадниците на Армијата на Република Северна Македонија се на исто професионално ниво со останатите армии во Алијансата со што покажуваат по којзнае кој пат дека се навистина достојни да нè претставуваат во сите мисии во светот каде што се брани глобалниот мир и безбедноста и се најдобриот доказ дека нашата земја треба да стане членка на Алијансата што е можно побрзо“.
Премиерот Заев посочи дека е горд на припадниците на нашата Армија, на покажаните вештини и на сето она што тие го демонстрираа на вежбата. „ Горд сум на нашата војска затоа што демонстрираше денеска пред нас, еднаква подготвеност во вежбовните активности. Горд сум на сите наши војници затоа што имаат и желба да се усовршуваат и да напредуваат“, рече Премиерот.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна:„Република Северна Македонија набрзо ќе стане 30 членка на НАТО алијансата. Тоа значи не само седење на истата маса, туку и заеднички вежби, заедничка обука, заедничко учество во операции со кои се гарантира и нашиот и светскиот мир. Ние денеска овде на сите скептици им покажавме дека Северна Македонија има што да и понуди на Алијансата – има да и понуди обучени, професионални војници и офицери и има да и го понуди и овој одличен полигон Криволак“,.
Министерката им изрази признание на илјадниците војници и офицери кои повеќе од еден месец напорно работат како дел од вежбата, но и на стотината офицери кои речиси две години работеа на планирањето на „Одлучен удар“.
Вршителката на должност, амбасадорка на САД, Микаела Швајцер-Блум, порача дека вежбата „Одлучен удар“ потврдува дека „нашите војски можат да комуницираат и работат заедно, ја зајакнуваат нашата силна врска и сите нас нè прават побезбедни“.
Истакна дека американските војници ја ценат можноста да работат заедно со нивните колеги од Северна Македонија и се заблагодари за организацијата и планирањето на вежбата.
„Одлучен удар“ е досега најголема вежба која ја организира нашата армија во која учествуваат околу 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД,Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора.
Вежбата која се изведува во период од 05.06 до 08.07.2019 година на армискиот полигон „Криволак“ има за цел зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците од составот на армијата, подобрување на интероперабилноста и унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.