Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во официјална посета на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, денес оствари средба со началникот на генералштабот, генерал потполковник Ференц Кором.
По пречекот со високи воени почести, на средбата во генералштабот на ВС на Унгарија, се разговараше за можностите за продолжување и проширување на воената соработка помеѓу двете армии како НАТО сојузници, како и за безбедносните предизвици во регионот, како миграциската криза и екстремниот радикализам.
Генералот Ѓурчиновски изрази благодарност за ратификуваниот договор за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, од страна на Унгарското собрание во текот на вчерашниот ден, како и за континуираната безрезервна поддршка која ја добиваме од ВС на унгарија. Тој истакна дека планираната посета на ВС на Унгарија, е значајна се случува во времето кога сме на самиот влез во НАТО, што претставува можност за проширување на меѓусебната соработка преку споделување на искуствата за имплементирање на НАТО пристапните процеси и процедури.
Од страна на генералот Кором е искажана подготвеност за понатамошна поддршка во споделување на искуствата од реформските процеси во армијата за што поуспешно инкорпорирање на потребните НАТО стандарди.
За време на престојот во Будимпешта, воената делегација предводена од генералот Ѓурчиновски, во генералштабот ќе се запознае со реформските структурални процеси кои ги спроведуваат ВС на Унгарија во структурата на силите и воспоставување на средно источната мултинационална команда, како и за улогата на воената компонента во кризниот менаџмент во мигрантската криза.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Унгарија официјално е отпочната во октомври 2002 година, со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу министерствата за одбрана. Во изминативе години, соработката се одвива на полето на експертски разговори и едукација во различни области, како и реализација на заеднички вежби од военото воздухопловство.