Денес во касарните „Страшо Пинџур“ во Петровец и „Мирче Ацев“ во Прилеп, со полагање на свежо цвеќе беа одбележани патронатите и 77 годишнината од погибието на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Во касарната во Петровец свежо цвеќе положија делегации од Командата за операции предводена од генерал-мајор Павле Арсоски, командата на 1. пешадиска бригада, командата на воздухопловниот ВИНГ, претставници од општина Кавадарци и Музејот на Кавадарци, Здружението на борците, а во касарната во Прилеп свежо цвеќе положија делегации од 1.пешадиска бригада, артилерискиот баталјон, општина Прилеп и Сојузот на борците од Прилеп.
На одбележувањето на патронатите беа одржани историски часови за животот и делата на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Пред присутните во касарната во Петровец за животот и делото на Страшо Пинџур говореше претставничката на музејот од Кавадарци, историчар Марија Михова, а свое обраќање имаше и командантот на 1. пешадиска бригада, полковник Бесник Емини, кој меѓу другото истакна дека одбележувањето на патронатот ја зацврстува врската на денешницата со богатата историја на македонскиот народ и дека припадниците на Армијата се задолжени да ги почитуваат делата и дадените животи на сите борци за слободна и независна држава.
На одбележувањето на патронатот на касарната во Прилеп, за животот и делото на народниот херој Мирче Ацев, свое обраќање имаше историчарот Илија Велковски и потполковникот Ѓорѓи Василевски, а свој настап имаа и учениците од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, кои рецитираа стихови за Мирче Ацев.
Припадниците на касарните во Петровец и Прилеп, одбележувајќи го секоја година денот на нивното погибие, придонесуваат делата на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев да останат во сеќавањата на идните генерации и поколенија на македонскиот народ.
ГЃ/БН