Соработката помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и НАТО сојузниците, партнерите и пријателските aрмии продолжува и во овие сложени услови на справување со ширењето на глобалната пандемија со вирусот „Ковид-19“ во вид на солидарност и поддршка.
Во изминатиот период по прогласувањето на вонредната состојба поради пандемијата, сојузничките и партнерски армии на директен или индиректен начин демонстрираат поддршка и се вклучуваат во солидарна помош и спроведување на мерки наменети за спречување на ширење на епидемијата.
Военото воздухопловство на турските вооружени сили, кои се наш стратешки партнер во текот на вчерашниот ден реализираа транспорт на медицинска заштитна опрема наменета за македонското јавно здравство во справувањето со пандемијата со „Ковид-19“. Донацијата која се состоеше од заштитни медицински маски, заштитни скафандери, дијагностички тестови и друг медицински материјал, ја прими заменик на НГШ, генерал-мајор Азим Нуредин, како официјален преставник од Армијата кој изрази благодарност за солидарноста.
Претходно, од страна на воените претставници на Вооружените сили на Обединетото Кралство во нашата земја, беше предадена донација која се состоеше од заштитни ракавици и повеќе видови пумпи на висок притисок и рачни пумпи за дезинфекција, стратешкиот партнер САД дозначи финансиски средства за оваа намена, воените претставници на Народна Република Кина во нашата земја предадоа заштитни и дезинфекциски средства за потребите на припадниците на нашата Армија, а војската на Словенија со воен воздухоплов изврши транспорт на медицински средства.
Со полноправното членство во НАТО алијансата, нашата земја и Армија веќе е дел од системот за поддршката од земји-членки во логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, а го користиме и здружениот информативен систем на НАТО, преку, Центарот за управување со кризи, кој е дел од програмата „Next generation incident system” која служи за подобра размена на информации и подобра соработка меѓу институциите во земјава.