Денес, во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, свечена заклетва за доброволно служење на воениот рок дадоа 255 граѓани на Република Македонија, од кои 17 припаднички на женскиот пол.
Во своето обраќање пред војниците, заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев, во контекст на дадената заклетва, потенцираше дека интегритетот на една личност се определува и преку одржувањето на неговиот збор.
„Верувам дека со високо дисциплиниран однос кон своите инструктори, како и посветеност во исполнување на поставените задачи за време на вашата обука, ќе ги постигнете бараните стандарди и ќе станете подготвени и високо обучени војници според највисоките стандарди“, им порача на војниците заменик-министерот Димитриев.
Пред присутните високи претставници на Министерството, АРМ и локалната самоуправа, меѓу кои и заменик-началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини и државниот секретар во МО, Сашо Стефаноски, заменик-министерот рече дека нашата армија се вбројува во една од најобучените армии во регионот и пошироко, а задача на војниците е да го продолжат токму тој континуитет.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковникот Љупчо Костовски во своето обраќање се осврна и на значењето на давањето заклетва, како традиција која постоела и постои не само во воените формации, туку и во другите институции во кои се бара лојалност и доследно почитување на обврските и должностите. „Заклетвата како бранители на слободата и независноста на својата татковина е чин достоен на храбрите, на оние кои се подготвени ако е потребно да го жртвуваат и својот живот за татковината“, истакна полковникот Костовски.
Обуката на војниците на доброволно служење воен рок се реализира во период од три месеци во Центарот за индивидуална обука, кој е во рамките на Командата за обука и доктрини на Армијата на Република Македонија.