Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски придружуван од Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, денес во Охрид го посетија кампот за обука на вода на Армијата на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски и гостинот од Словенија по пречекот од Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се запознаа со дел од обуката која ја изведуваат припадниците на баталјонот за специјални сили, како и со можностите кои ги нуди овој капацитет на Армијата за изведување на ваков вид активности.
Припадниците од баталјонот за специјални сили, пред Врховниот командант и гостинот од Словенија преку методско-показни вежба прикажаа постапки кои се применуваат за ситуација на заложничка криза на пловен објект, во која вежба беше вклучен и хеликоптер МИ-8/17 од воздухопловниот ВИНГ на Армијата, при што се демонстрираше висок степен на обученост и извежбаност за извршување на сложени задачи на вода согласно НАТО стандардите кои се применуваат во вакви ситуации.
Пред вежбата на Претседателот на Словенија му беше презентирана мисијата и задачите на Армијата на Република Северна Македонија, а припадниците на баталјонот за специјални сили, популарните „Волци“ пред присутните изведоа кратка показна вежба, на која презентираа дел од боречките вештини по кои е препознатлива оваа наша елитна единица.
Потенцирајќи го високото ниво на стручност на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, за извршување на задачите коишто произлегуваат од нашето полноправно членство во НАТО, претседателот Пендаровски по завршување на вежбата истакна дека припадниците на Армијата се обучени и подготвени за реакција на сите предизвици во рамки на нивната мисија.
За време на денешната посета припадниците на баталјонот за специјални сили и воздухопловниот ВИНГ, пред претседателите и присутните медиуми, уште еднаш ја прикажаа својата обученост и подготвеност за реакција на сите предизвици со кои би се соочиле во рамки на нивните мисии, со што ја потврдуваат целосната подготвеност на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, за извршување на било кој вид на задачи кои произлегуваат од нашето полноправно членство во НАТО.