Во рамките на работната посета на Вооружените сили (ВС) на Република Турција, вчера (08.11.2013 година) во Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк во Анкара, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, положи венец со свежо цвеќе на гробот на Ататурк, каде се одбележува 75 годишнината од смртта од на таткото на модерна Турција.
Вчера на средбата со началникот на ГШ на ВС на Република Турција, генерал Неџет Озел, уште еднаш беше потврдена одличната соработка со Турските ВС. Од страна на генералот Озел беше потенцирано дека Република Турција ќе продолжи да и дава безрезервна поддршка на Република Македонија за нејзиното полноправно членство во НАТО, при што тој истакна дека неправедната блокада, заради која Македонија не е членка на Алијансата, еден ден ќе заврши.
Во текот на престојот во Анкара, генералот Котески ја посети Турската Воено-медицинска академија ГАТА, каде се сретна со командантот и деканот на оваа престижна воено-здравствена установа на Турските ВС. На средбата беа разменети искуства и идеи за соработка помеѓу ГАТА и Воено-медицинскиот центар на АРМ. Посетата на ГАТА, генералот Котески ја искористи и за средба со питомците од Република Македонија, кои се школуваат во Турската Воено-медицинска академија.
Како што е познато, АРМ има одлична соработка со ВС на Република Турција која се одвива на повеќе полиња и е особено изразена во обуката, военото образование, употребата на единиците во мировни мисии предводени од НАТО, опремувањето и друго. Република Турција како земја членка на НАТО е стратешки партнер и голем поддржувач на приемот на Република Македонија во НАТО. Турските ВС за потребите на АРМ во изминативе неколку години имаат донирано значителна помош во материјално-технички средства и опрема, чија вредност изнесува 20 милиони долари.