Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, на покана од Амбасадата на Република Италија, во Битола учествуваше на одбележувањето на Денот на националното единство кој е воедно и Ден на Вооружените сили на Република Италија.
На пригодната церемонија која се одржа во градскиот парк во Битола присуствуваа и амбасадорот на Република Италија во Република Северна Македонија, Н.Е Андреа Силвестри , военото аташе полковник Џузепе Монталто и претставници од италијанската армија, Армијата на Република Северна Македонија, членови на воено дипломатскиот кор во земјава како и градоначалничката на Битола, г-ѓа Наташа Петровска. Притоа, генералот Ѓурчиновски заедно со амбасадорот Силвестри со положување на свежо цвеќе оддаде почит пред спомен-обележјето посветено на загинатите италијански војници од Првата светска војна.
Соработката на Армијата на Република Северна Македонија со Вооружените сили на Република Италија е во континуитет на високо рамниште. Покрај поддршката во областа на военото образование и обука, наши штабни офицери учествуваат и во склоп на италијанскиот контингент во мисијата на Обединетите нации „Унифил“ во Либан.