Припадниците на Баталјонот за почести со симболична воена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје, применувајќи ги мерките и протоколите за спречување на ширење на вирусот „COVID-19“, го одбележаа 11 ноември – Денот на единицата.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски обраќајќи се пред присутните им го честита денот на единицата истакнувајќи ги успесите на единицата во активностите кои ги имаа изминатиот период. Притоа се осврна на тековните процеси на трансформација и настојувањата на Генералштабот за понатамошно подобрување на состојбите кои влијаат на севкупното функционирање и статусот на припадниците, меѓу кои и претстојното дислоцирање на единицата во реновирани и подобрени објекти во касарната.
Осврнувајќи се на планираните активности на најпретставителната единица на Армијата, кои поради актуелната ситуација не беа реализирани, ја нагласи личната и колективна обврска за целосно фокусирање во поддршка на сите субјекти во надминување на состојбата со пандемијата.
Командантот на единицата, потполковник Дарко Стојкоски, даде краток осврт на досегашното учество на единицата во активностите во промовирањето на полноправното членство во НАТО, на постигнатите резултати во работењето искажувајќи благодарност за особеното залагање и увереноста дека единицата достојно ќе одговори на сите поставени задачи следејќи го кодексот на вредности на единицата „Чест, храброст и посветеност“.
По повод денот на единицата беа доделени и стимулативни мерки на дел од припадниците за постигнатите резултати во работењето и подигање на борбената готовност на единицата.
Баталјонот за почести потекнува од Првата гардиска бригада која е формирана по осамостојувањето на ден 26.03.1992 година, додека 11 ноември, како Ден на единицата, го презема како носител на традициите на Првата македонско-косовска ударна бригада која е формирана на овој ден во 1943 година во селото Сливово.