Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес (12-ти ноември) го посети гарнизонот Тетово. Посетата на началникот на ГШ на АРМ на касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово се одвива во рамките на планот за обиколка на гарнизоните на АРМ, кој започна да се реализира минатиот месец, со посета на Здружената оперативна команда (ЗОК) во гарнизонот Куманово и гарнизоните Штип и Прилеп.
Во рамките на посетата на гарнизонот Тетово, припадниците на АРМ кои извршуваат редовни задачи во овој гарнизон, од страна на НГШ на АРМ беа информирани за извршувањето на задачите, наредните планови и актуелната состојба во АРМ.
Денес, за време на посетата, НГШ на АРМ беше придружуван од: заменикот на НГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, командантот на ЗОК генерал мајор Методија Величковски, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Павле Арсоски, дел од началниците на секции од ГШ на АРМ и командантот на гарнизонот Тетово. Со обиколката на касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ беа согледани нејзините капацитети, функционалноста и условите за живот и работа во неа, при што беше констатирано дека припадниците на АРМ имаат услови за нормално извршување на задачите. Посетата беше искористена и за остварување на увид во редовното извршување на задачите и обуката на припадниците на АРМ кои се наоѓаат во гарнизонот Тетово.
На крајот од посетата, НГШ на АРМ оствари средба со клучниот персонал од гарнизонот Тетово, на која присутните имаа можност да постават прашања поврзани со фунционирањето на службата, како и актуелни прашања од интерес на припадниците кои извршуваат задачи во овој гарнизон.
Во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово е лоциран третиот механизиран пешадиски баталјон кој е потчинета единица на првата механизирана пешадиска бригада, заедно со единица за логистичка поддршка.