Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес, се одржа церемонија по повод давање на свечена заклетва на новопримените професионални војници, кои се приклучија во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.
На свеченоста присуствуваа: заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани, заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана и заменик-командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Стојанче Тодоров.
Заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани упати честитки до војниците кои одлучија да се приклучат во Армијата, институција во која нашите граѓани имаат најголема доверба.
„Влегувате во институција која е најпочитувана, најценета, институција која своето реноме го има изградено затоа што секогаш и секаде била прва во помошта на нашите граѓани. Тоа е факт кој може да се види и во текот на оваа голема здравствена криза. Довербата која ни ја даваат граѓаните, треба да биде мотив да бидете целосно посветени на професијата, но да претставува и одговорност и вие со вашите постапки да продолжите да го чувате угледот на ова наше заедничко семејство.“ – истакна заменик-министерот во своето обраќање.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковник Виктор Еркиќ истакна дека по краткиот период за прилагодување започнува главниот предизвик, а тоа е совладување на основната борбена обука каде што целото свое знаење што ќе го стекнат овде ќе биде основа за понатамошен нивен развој како идни припадници на Армијата.
Во наредниот период со преземање на сите потребни превентивни мерки за заштита од „COVID -19“, новопримените професионални војници дојдени од сите краеви на нашата држава ќе се соочат со совладување на предвидените содржини на основната борбена обука како и основната стручно-специјалистичка обука. Стекнатите знаења и вложениот труд понатаму ќе бидат вреднувани и ќе бидат едни од клучните елементи за сите оние кои ја избраа војничката професија како решение за својата иднина.