Армијата на Република Северна Македонија активно се вклучи во одбележување на јубилејот по повод 8 Септември Денот на независноста.
На централната државна манифестација „30 години независност“, која се одржа пред Собранието на Република Северна Македонија, Армијата беше претставена со свечено дефиле на ешалоните од единиците на Армијата, како и борбените возила и воздухоплови.
Пред јавноста се претставија: Баталјонот за почести со знаменскиот вод со државното знаме и ешалон со воените знамиња на единиците на Армијата и знамиња од Народноослободителната борба на Македонија, ешалонот составен од припадници на Вториот и Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада, ешалон на Баталјонот на Воена полиција, Ренџерскиот баталјон и Баталјонот за специјални сили, а со формација на дел од своите воздухоплови прелет изврши и воздухопловниот ВИНГ.
Исто така граѓаните имаа можност да го проследат и ешалонот со воени возила, вооружување и опрема при што беа прикажани лесни оклопни возила Кобра, оклопни транспортери Хермелин, лесни оклопни возила Хамви, Хамви со интегриран систем за врски, возило со специјална опрема за биолошко и хемиско извидување и деконтаминација, Хамер со диверзантски чамци Зодијак како и Хаубици 105мм, инженериски возила и инженериски машини и санитетски возила.
Претходно делегација на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски со воени почести положи венци од свежо цвеќе на Алејата на Великаните на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, а ден претходно по повод Денот на независноста, во касарната „Илинден“ во Скопје се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од шест артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.