Синоќа, 17-ти декември 2013 година, Воениот оркестар на АРМ во Домот на АРМ во Скопје го изведе Новогодишниот концерт. На концертот присуствуваа: Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, генералите на АРМ, клучниот персонал во Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, припадници од сите команди и единици на АРМ и дел од воените аташеи акредитирани во Република Македонија. Воениот оркестар предводен од диригент потполковник Драган Димитров, пред аудиториумот на исполнетата сала во Домот на АРМ, за прв пат изведе концерт во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници во чест на припадниците на МО и АРМ.
Воениот оркестар, како единствен воен професионален дувачки оркестар во државава, вчера за прв пат одржа целовечерен концерт во предвечерието на Новата Година, кој во иднина ќе премине во традиција.
Со синоќешниот Новогодишен концерт, Воениот оркестар успешно ја заврши годината во која имаше исклучително успешни настапи во повеќе градови низ Република Македонија, каде граѓаните имаа единствена прилика да уживаат во изведбите на познати музички дела и да се дружат со припадниците на АРМ.
Настапот на Воениот оркестар беше планиран во рамките на проектот за јакнење на цивилно-воената соработка и приближување на Армијата до граѓаните, кој АРМ успешно го реализираше во текот на 2013 година.