Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин се наоѓа во дводневна официјална посета на Вооружените сили на Република Туркије на покана од заменикот на началникот на Генералштабот, генерал Селчук Бајрактараоглу.
Во Генералштабот на Вооружените сили на Република Туркије, генералот Нуредин покрај официјалната средба со заменикот на началникот на Генералштабот генерал Бајрактараоглу, оствари и протоколарна средба со началникот на Генералштабот генерал Јашар Ѓулер.
На средбата е разговарано за досегашната билатерална соработка помеѓу Вооружените сили на Република Туркије и Армијата на Република Северна Македонија, како и за континуираната поддршка и придонес од страна на ВС на Туркије во опремувањето и модернизацијата на Армијата на Република Северна Македонија.
Помеѓу останатото, на состанокот се разгледани можностите за понатамошно делување, продлабочување на досегашната и утврдување на нови облици на воена соработка во заедничките полиња на интерес.
Во рамките на посетата, согласно програмата, генералот Нуредин ги посети и капацитетите за обука на Командата на специјални сили и Командата на бригадата за беспилотни летала, како и дел од компаниите од турската одбранбена индустрија, а притоа го посети и мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, при што положи венец и се запиша во книгата на посвета.