Командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување во Италија, генерал-потполковник Лоренцо Ди Адарио, денес престојуваше во работна посета на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.
Генералот Ди Адарио, по пречекот оствари средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, по што следуваа официјални разговори во присуство на делегацијата од НАТО корпусот и персонал од ГШ на Армијата.
На средбата со началникот на Генералштабот и министерката за одбрана се дискутираше за улогата на Силите за брзо распоредување на НАТО, како и за нашето вклучување кон Меморандумот за разбирање со земјите-контрибутори во овие сили, со што го даваме нашиот придонес во јакнење на колективната сигурност на НАТО.
На работниот состанок во Генералштабот, делегацијата имаше можност да се запознае со актуелните процеси и активности кои се одвиваат во Армијата во областа на развој на способностите преку опремување и модернизација, нашиот придонес во операциите на НАТО, како и плановите за развивање на капацитетите на АП Криволак. Притоа се разгледуваа и можностите за меѓусебна соработка и вклучување на наши армиски припадници во користење на современи системи во подготвителна обука.
Генералот Ѓурчиновски за време на состанокот истакна дека ќе се подобруваат и развиваат способностите поврзани со учеството на НАТО силите за зајакнато истурено присуство каде е вклучен и овој корпус.
Генералот Ди Адарио во текот на дискусијата искажа дека понатамошните заеднички активности уште повеќе ќе придонесат во развојот на нашите способности, обученоста и интероперабилноста при ангажирање во операциите на НАТО.
За време на посетата, делегацијата на НАТО корпусот за брзо распоредување ќе го посетат и Баталјонот на воена полиција во касарната „Илинден“, каде ќе се запознаат со капацитетите и способностите на оваа единица при што ќе присуствуваат на воено- показна вежба, а генералот Ди Адарио ќе оствари средба и со командантот на Командата за операции, бригаден генерал, Бесник Емини.
Посетата е со цел понатамошно интензивирање на соработката со оваа команда на сили на НАТО за брза интервенција, која се иницираше за време на минатогодишната посета на генералот Ѓурчиновски на оваа команда во Милано и Вооружените сили на Италија.