Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со гувернерот на сојузната држава Вермонт, Фил Скот и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, учествуваа на свеченото одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт кое се одржа во Берлингтон.
Во своето обраќање по повод јубилејот, генералот Ѓурчиновски порача дека изминатите 3 децении беа одбележани од одлична соработка, меѓусебно разбирање и размена на идеи и искуства. Тој истакна дека со националната гарда на Вермонт која е повеќе од партнер преку заедничката соработка и обука се изнаоѓаат најсоодветни начини на справување и одвраќање на сите современи безбедносни закани.
Министерката Петровска пред присутните истакна сека во изминатите три децении, се потсетуваме на безброј поединци кои се посветија на оваа соработка со својата стручност и експертиза. Се восхитувам на визионерите, одлучноста и силната верба во ова партнерство, кое станува уште посилно., истакна министерката. Воедно кажа дека покрај градењето на сопствени капацитети, подобрување на процедурите и модернизација на Армија, најважното во ова партнерство е што се изгради многу силно пријателство.
На свеченоста се обрати и командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Најт кој истакна дека најважниот дел од партнерството се пријателствата и дека со нетрпение ги очекува следните 30 – години во кои ова партнерство ќе го достигне својот целосен потенцијал.
Во текот на работниот престој во САД , генералот Ѓурчиновски согласно агендата ќе го посети Пентагон, како и Детроит каде се седиштата на фирмите кои ги произведуваат оклопните возила од типот „Страјкер“ и „ЏЛТВ“ со кои согласно долгорочниот план за развој на одбранбените способности се опремува македонската армија.