Во командата за обука и доктрини, во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес, денес се одржа свечена церемонија за промоција на 120 подофицери и свечена заклетва на 150 професионални војници.
На свеченоста присуствуваа и се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска и Заменикот на Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин.
Армиските припадници од редовите на професионалните војници кои ja поминаа тримесечна обука за подофицери во Командата за обука и доктрини, денес беа промовирани во прв подофицерски чин, а новите професионални војници ја положија своја заклетва.
Министерката Славјанка Петровска на новите подофицери им порача дека секој кој што пристапува кон војничката професија има единствена мисија, да и служи на својата татковина и на својот народ затоа што војничката професија претставува голема жртва но и највисока чест, а да се носи униформа на земја членка на НАТО е дополнителна одговорност.
Министерката истакна дека градењето на отпорност како еден од клучните концепти на НАТО Алијансата секогаш треба да започне со личен пример додавајќи дека подготвеноста брзо, ефикасно и одлучно да реагираме на секоја ситуација всушност ја покажува и нашата подготвеност да ги одбраниме вредностите кои ги споделуваме и да ги заштитиме државата и граѓаните.
Заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин посакувајќи им успешен професионален развој на новите подофицери и новопримените професионални војници им порача со беспрекорно извршување на идните задачи и должности, достојно да ја преставуваат Армијата и државата.
Обраќајќи се на новопроизведените подофицери тој истакна „Со вашиот придонес и залагање како главни носители на процесот на обуката уверен сум дека во понатамошниот период за секој постигнат успех на единиците но и севкупно на армијата ќе го препознаваме и вашиот вложен труд.“
На новопримените професионални војници им порача „Бидете горди што од денес сте дел од големото семејство на армијата на Република Северна Македонија, каде по успешно завршената обука, ќе бидете ставени во улога да го дадете својот придонес во зачувувањето и зајакнувањето на, сувереноста, самостојноста и интегритетотот на нашата татковина.“
На свеченоста им беше оддадено признание на тројцата најдобро рангирани подофицери, водник Димче Вакадински, водник Филип Анѓеловски, водник Александар Трајковиќ.
По повод произведувањето на нови подофицери и свечената заклетва на професионални војници на свеченоста присуствуваа и Началникот на штаб на командата за операции бригаден-генерал Мирче Ѓоргоски, претставници од кабинетот на Претседателот, командантите на Единици од Армијата, претставници од Командата за обука и доктрини, роднини и пријатели на професионалните војници и ново произведените подофицери.