Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во придружба на Амбасадорот на Република Северна Македонија во Словенија, Горан Милевски и командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, денеска во Межица, Словенија ги посети припадниците на Армијата кои се ангажирани во справувањето со последиците од поплавите.
На средбата со нашите припадници, на која присуствуваше и Началникот на Генералштабот на словенечката армија, генерал-потполковник Роберт Главаш, од страна на генералот Ѓурчиновски им беше искажано признание за покажаната професионалност и залагање при извршувањето на дадените задачи во расчистување на теренот и санирање на последиците од катастрофалните поплави.
Притоа, генералот Ѓурчиновски на нашите армиски припадници им порача дека со несебичниот и безрезервен ангажман во вакви критични ситуации тие ја претставуваат во најдобро светло не само Армијата, туку и татковината.
Тој го истакна и значењето на партнерството и солидарноста помеѓу двете армии кои се резултат на одличните меѓусебни релации, но и на сојузништвото во рамки на НАТО, преку чиј механизам за помош и поддршка при кризни ситуации беше спроведен ангажманот на нашите припадници.
Генералот Главаш, во своето обраќање исто така изрази признание но и благодарност за ангажирањето и извршените работни задачи, кое претходно беше искажано и при поставувањето на мостот во Межица.
За време на престојот во Межица, генералот Ѓурчиновски, амбасадорот Милевски и генералот Емини обиколија дел од местата каде во досегашниот период се ангажираа нашите армиски припадници.
На денешната средба беше соопштено дека за два дена македонскиот контингент ќе се врати во Република Северна Македонија, благодарејќи на експедитивноста и исполнување на сите задачи согласно Планот за ангажирање на земјата домаќин за санација на најкритичните места и места од витално значење.
Сто припадници на Армијата на Република Северна Македонија се ангажирани во помош во справувањето со последиците од поплавите во Словенија, во Межица, Чрна на Корошкем, Жерјав и Превалје, при што извршуваа повеќе задачи во расчистување на наноси од поплавите во витални објекти, спортски игралишта, улици, дом на културата, приватни сместувачки капацитети, но и при поставувањето на мостови.
За периодот на нивниот ангажман кон нив беа изразени пофални зборови од военото раководство на словенечката армија, но и од страна на министерката за информатичко општество Емилија Стојменова Дух.
Во армискиот состав се припадници од повеќе потчинети единици од Командата за операции и Логистичката база, меѓу кои најголем број од вториот пешадиски баталјон и извидувачко разузнувачкиот баталјон, но и специјалистички тимови од инженерци за ракување со инженериски машини, лекари и болничари, припадници од единицата за АБХО.