На денешната свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово по повод примопредавање на должностите: претседавач на Политичко – воениот управувачки комитет и Координативен комитет на SEDM и командант на Бригадата на Југоисточна Европа-SEEBRIG, како и одбележувањето на 24- годишнината од формирањето, како знак за дадената поддршка од страна на Армијата, на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски му се додели плакета за соработка.
Признанието беше доделено од страна на претседавачот на Политичко-воениот комитет на SEDM, заменик- министерот за одбрана на Бугарија, Атанас Запријанов.
Kомандата на Бригадата за Југоисточна Европа, која на ротационен принцип ја менува својата локација, е сместена во касарната во Куманово во период од 2020-2026 година, со што Армијата на Република Северна Македонија, покрај учеството на свои единици и штабни старешини во СЕЕБРИГ, ја покажува својата поддршка на оваа бригада во сите сегменти на функционирањето и активностите.
На денешната свечена церемонија претседавањето со Политичко – воениот управувачки комитет и Координативен комитет на SEDM го презема Симона Којачару – државен секретар и шеф на Секторот за одбранбена политика, планирање и меѓународна соработка во романското Министерство за одбрана, а новиот командант на Бригадата на ЈИЕ, бригадниот генерал Билбил Битри од албанските Вооружени сили ја презема од досегашниот бригаден генерал Евангелос Митруцикос.
На свечената церемонија обраќање имаа заменик- министерот за одбрана, Тирон Јајага, досегашниот претседавач со СЕДМ, заменикот министер за одбрана на Бугарија, Атанас Запријанов, новиот претседавач со оваа иницијатива, државната секретарка во Министерството за одбрана на Романија, Симона Којокару, како и досегашниот и новиот командант на Бригадата, бригадните генерали Митруцикос и Битри, во кое беше истакнато значењето на оваа иницијатива за регионот и пошироко.
Церемонијата ја проследија и амбасадорите, замениците на министрите за одбрана, замениците на Генералштабовите и воените аташеи на земјите учеснички во бригадата, како и градоначалникот на Куманово.
Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на Договорот за регионална соработка на полето на одбраната, познат како Договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција.
Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.
Единиците кои се назначени во Бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).
Позицијата командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички на тригодишен период.