Делегација од мисијата на НАТО во Косово – „КФОР“, предводена од командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ, денес престојуваше во работна посета на Генералштабот на Армијата.
Командантот на КФОР за време на престојот оствари работен состанок со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, на кој присуствуваше и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин.
На состанокот генералите Ѓурчиновски и Улуташ разговараа за соработката со силите на КФОР во однос на актуелните безбедносни ризици и закани во регионот, улогата, активностите и задачите кои ги изведува нашиот контингент во оваа мисија, нашиот понатамошен ангажман и зголеменото учеството во мисијата, како и други заеднички активности.
Од страна на генералот Улуташ, кој е во прва работна посета на Армијата по неговото преземање на должноста во ноември, е истакнато значењето на нашето учество во мисијата како придонес во јакнење на регионалната стабилност.
Редовните состаноци помеѓу Командата на КФОР и Генералштабот на Армијата, кои се одржуваат неколку пати во текот на годината, се особено значајни и неопходни за одржување на безбедноста и стабилноста во целиот регион.
Армијата на Република Северна Македонија директно учествува во КФОР со шеесетина припадници, кои извршуваат должности како штабни офицери во главната команда на мисијата и со два вода за обезбедување во регионалната команда на КФОР – „Запад“.
Покрај директното учество, континуирано од почетокот на операцијата, преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин обезбедуваме и логистичка поддршка на силите на КФОР при царински и гранични процедури на транспортите на НАТО.