Денес, 18 февруари (вторник) на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, со свечено постројување на спортските екипи од гарнизонот Скопје и Министерството за одбрана, започна спортскиот ден и одбележувањето на „18 февруари – Денот на Меѓународнитe Воени спортови“. Оваа спортска манифестација која годинава АРМ ја одбележува по деветти пат, денес свечено ја отвори Началникот на
ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.
На отварањето на спортскиот ден, НГШ на АРМ пред спортските екипи нагласи дека спортот претставува значаен сегмент во обуката на АРМ, но и најдобар начин за развивање на другарството, пријателството и зближување на луѓето од различни делови од светот. Генералот Котески го истакна значењето на членството на АРМ во Советот на Меѓународни воени спортови, во чии рамки АРМ ќе учествува на Вторите кадетски олимписки игри во Еквадор во август годинава. Тој потсети дека во редовите на АРМ се наоѓаат врвни спортисти, кои настапуваат и во Олимписката репрезентација на Македонија, при што на натпреварувачите им посака денешниов ден да се одбележи во спортки дух, со постигнување на врвни резултати.
Овој спортски настан денес истовремено се одржува во сите гарнизони на АРМ, каде над 2000 припадници на АРМ под мотото „СПОРТ ЗА СИТЕ“ се натпреваруваат во следните дисциплини: крос на 8 km за мажи и на 4 km за жени, мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг и шах. Кросот во Скопје се одржа на патеката од воениот стадион до хотелот „Александар Палас“ и назад, а останатите спортови на терените на воениот стадион и во касарната „Илинден“.
АРМ од 2005 година е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови, со што се стекна со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови.