Денес во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево со воена свеченост 4. механизиран пешадиски баталјон (4.мпб), како единица која ги продолжува традициите на формирањето на Кичевско – Мавровскиот партизански одред го одбележа 21-ви Мај, Денот на Единицата.
Во рамките на прославата со пригодни говори и честитање на празникот се обратија командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) бригаден генерал Зоран Милески и командантот на 4.мпб потполковник Боро Латкоски, кои се навратија на историјата на единицата и ангажирањето на единицата во изминатиот едногодишен период и сегашните ангажирања околу обезбедување на јужната граница.
По повод Денот на единицата на свеченоста беа прочитани стимулативни мерки, прогласен беше најдобар вод од составот на баталјонот, а во изминатите денови се одржа и крводарителнa акциja.
На свеченоста присуствуваа Началникот на штаб на ЗОК бригаден-генерал Азим Нуредин, бригаден-генерал Зоран Милески, командантите на единиците од составот на 1. мпбр, претставници од државната управа, јавните установи и служби, претставници на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.
Со формирањето на АРМ во 1992 година, 21 мај беше одбележуван како ден на единиците кои беа стационирани во гарнизонот Кичево, 13.пешадиска бригада и 2.механизирана пешадиска бригада, кои беа носители на традициите на одбележување на овој значаен датум од историјата на НОБ.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов за ден на 4.мпб, одреден е 21 Мај, како единица која ги продолжува и негува традициите од формирањето на Кичевско – Мавровскиот партизански одред.