Во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово со воена свеченост, припадниците на 3.пешадиски баталјон (3.пб) од составот на прва пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа Денот на единицата.
На свеченоста, заменик командантот на 1.пбр, полковник Стеван Наумоски им го честиташе денот на припадниците од 3.пб и во својот говор покрај другото истакна „Денешното одбележување е сепак посебно и ни дава обврска да се осврнеме на моментите кои уште еднаш ја потврдија нераскинливата врска помеѓу Армијата и граѓаните на кои им служиме. Во мака се познаваат јунаците, па затоа на овој ден сакам да оддадам целосна почит кон сите војници, подофицери и офицери од 3.пешадиски баталјон, кои повторно станаа наши јунаци кога се соочивме со огнените стихии низ целата држава“.
Пред стројот на единицата и присутните гости на свеченоста, командантот на 3.пб, потполковник Томица Ристовски во своето обраќање се осврна на историјата, традициите и значењето на „27 август“. Воедно, им оддаде благодарност и признание на војниците и старешините за вложениот труд, лојалноста и одговорноста во извршувањето на поставените задачи.
По повод Денот на единицата беа прочитани честитки и наредби за стимулативни мерки за припадниците на единицата, додека за постигнатите резултати во обуката и извршувањето на задачите 1.пешадиски вод од 3.пешадиска чета е прогласен за најдобар вод од составот на 3.пб.
На денешната свеченост присуствуваа и старешини од командата и штабот на 1.пбр, команданти на единиците од составот на 1.пбр, поранешни команданти на единицата, претставници на локалната самоуправа, претставници на здруженијата на бранители, борци од НОБ, претставници на верските заедници и останати гости.
ГЃ/СН