Со воена свеченост денеска во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа церемонија по повод примопредавање на должноста командант на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон (ИРб). Должноста командант на ИРб од потполковник Николчо Јованов ја прими потполковник Зоран Цветковски, кој досега извршуваше должност офицер за обука во Одделението за обука и вежби во Ј-7 во ГШ на Армијата и претседател на Советот за воени спортови при МО и Армијата.
На свеченоста, военото знаме на единицата од досегашниот командант на новопоставениот командант го предаде командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Генералот Ѓоргоски во неговото обраќање му се заблагодари на досегашниот командант за залагањето и јакнењето во делот на подобрување на обученоста на целокупниот персонал на единицата, како и за успешното реализирање на сите произлезени задачи, а на новиот командант му посака да продолжи по патот на успехот и да вложи напор за јакнење на борбената готовност, обученоста и дисциплината во единицата.
Потполковник Јованов во своето обраќање се заблагодари на сите припадници на единицата за досегашната соработка и порача да продолжат како досега и со поголем елан за јакнење на единицата во делот на обученоста. Новиот командант, потполковник Цветковски, во своето обраќање истакна дека во идниот период ќе се залага за јакнење на човечките и материјално-техничките капацитети и способности за подигнување на физичката способност и тимскиот дух.