Од 15 до 19 декември 2025 година, делегација на воздухопловните сили на Армијата на Република Италија престојуваше во официјална работна посета на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на Армијата. Целта на посетата беше зајакнување на билатералната соработка во областа на военото воздухопловство, со акцент на заедничкиот ангажман во мисијата на НАТО за патролирање на воздушен простор (Air Policing).
Во текот на посетата беа одржани разговори за продлабочување на соработката и зајакнување на капацитетите за патролирање во воздушниот простор на Република Северна Македонија. Особено внимание беше посветено на размената на стручни искуства и обука за подобрување на оперативните способности на воздухопловниот ВИНГ, согласно техничкиот аранжман помеѓу Република Северна Македонија и Република Италија.
Мисијата на НАТО за патролирање во воздушен простор претставува значајна компонента на интегрираната одбрана на воздушниот и ракетен простор, што ја демонстрира силната солидарност меѓу земјите членки на Алијансата. Заедничките напори и соработката помеѓу НАТО членките обезбедуваат стабилност и сигурност во воздушниот простор.
Оваа посета претставува значаен напредок во континуираниот дијалог и партнерските односи помеѓу двете земји, со цел понатамошно зајакнување на заедничките одбранбени капацитети.









