Во Одделот за медицинска обука, кој од 2012 година егзистира како Регионален медицински тренинг центар, во период од 4 до 7 мај се одржа „Курс за предболничко згрижување на повредени и заболени“ (Prehospital Trauma Life Support).
Курсот се реализираше според програма и под покровителство на Центарот за медицинска обука од Вооружените сили на Швајцарската Конфедерација. Инструкторскиот тим беше составен од предавачи од SWISSINT, а наставата се одвиваше на англиски јазик. На курсот земаа учество 13 слушатели – медицински персонал од Армијата на Република Северна Македонија и од Балкански медицински наменски сили. Обуката се одвиваше преку работни точки на демонстрација и практични симулирани сценарија.
Целта на курсот беше стекнување на знаења и вештини за третман на животозагрозувачки повреди и состојби според протоколите за предболничко згрижување. PHTLS е водечка, меѓународно призната програма за континуирано образование, дизајнирана да го подобри квалитетот на грижата при повреди и животозагрозувачки состојби и да го намали морталитетот. Опфаќајќи интервенции за спасување животи, овој курс ги консолидира критичните концепти на медицински третман, демонстрира вештини и ги води студентите низ потенцијални сценарија на пациенти. Тој е глобален златен стандард во едукацијата за третман на повреди и критични здравствени состојби во претхоспитална нега и се предава во над 80 земји. Соодветен е за лекари, лекарски асистенти, медицински сестри и други практичари за претхоспитален третман.
Учесниците на курсот се стекнаа со интернационално признаен сертификат, верифициран од NAEMT (National Association of Emergency Medical Technicians).








