Припадниците на Баталјонот за почести (бП) денес во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост го прославија денот на единицата, воедно и примопредавање на должноста командант на единицата.
Согласно Правилото за воен протокол на свеченоста пред присутните со пригодни говори се обратија: Началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ) генерал-потполковник Методија Величковски, досегашниот и ново назначениот командант.
Во своето обраќање пред присутните генералот Величковски го истакна угледот и достоинството кое баталјонот за почести го ужива во АРМ и привилегијата да се биде нејзин припадник.
На досегашниот командант потполковник Тони Тонев се заблагодари на досегашното залагање и постигнатите успеси во единицата. На новопоставениот командант потполковник Иван Атанасовски му ја честита новата должност со порака да го вложи сиот потенцијал во примена на знаењата кои ги има стекнато во својата досегашна кариера и успешно да раководи со оваа репрезентативна единица на АРМ.
Потполковникот Тонев ги истакна постигнатите резултати во работењето при што искажа благодарност до припадниците на бП за досегашното залагање и за поддршката која ја имаше како командант, додека ново поставениот командант на бП потполковник Атанасовски во својот говор истакна дека должноста која му е доверена ќе ја извршува професионално и одговорно и ќе го даде својот максимум за единицата.
По соопштување на наредбите за поставување на церемонијален начин се изврши примопредавање на военото знаме на единицата помеѓу досегашниот и новоназначениот командант на бП.
На свеченоста покрај Началникот на генералштабот (НГШ) на Армијата на Република Македонија (АРМ) генерал-потполковник Методија Величковски, присуствуваа и генерали од АРМ, команданти на единиците на АРМ, претставници на сојузот на борците од НОВ и други гости од МО на РМ и ГШ на АРМ.
На свеченоста по повод денот на единицата беа беа доделени стимулативни мерки на повеќе припадници на бП за остварените резултати во работењето.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, 11-ти ноември е определен за ден на бП, како спомен на одбележување согласно традициите на значајните историски настани врз кои се темелат традициите на АРМ.
Баталјонот за почести е формиран на темелите на Првата Гардиска Бригада која е формирана по осамостојувањето на Република Македонија на ден 26.03.1992 година во касарната „Илинден“, а денот 11-ти ноември, како ден на бП оваа единица го презема како носител на традициите на Првата македонско косовска ударна бригада која е формирана на овој ден во 1943 година во селото Сливово.
Баталјонот за почести на многубројни странски делегации и државници им оддава почести на највисоко професионално ниво.