Во организација на Армијата и Воената група при Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, во периодот од 27 до 31 јули, во Домот на Армијата се одржува „Напредна работилница за поддршка од земја домаќин.
Работилницата ја водат инструктори од 21st Theater Sustainment Command на Вооружените сили на Соединетите Американски Држави. На активноста, покрај припадниците на Генералштабот, командите и единиците на Армијата, учествуваат и претставници на вооружените сили на Република Албанија, Република Србија и Црна Гора.
Главната цел на работилницата е дополнително унапредување на регионалната соработка и партнерство, како и размена на најдобрите практики во областа на логистиката и поддршката од земјата домаќин.
Преку интерактивни предавања, практични сесии и анализа на конкретни сценарија, учесниците работат на усогласување на националните процедури и стандардите за обезбедување поддршка од земјата домаќин. Ваквиот пристап ќе придонесе за поефикасна координација и непречено обезбедување логистичка поддршка при реализација на мултинационални операции, вежби и други заеднички активности.
Со организирањето на оваа работилница, македонската Армија ја потврдува својата посветеност на јакнењето на интероперабилноста со сојузничките и партнерските армии, како и на континуираното унапредување на националните капацитети во согласност со НАТО стандардите.








