Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес, 3 септември 2026 година, во присуство на главните подофицери на првопотчинетите команди и единици на ГШ на Армијата, му додели Златна значка на Армијата за партнерство, координација и соработка на главниот подофицер на Армијата, главен наредник Горан Ќирковиќ, кој денес ја завршува својата воена кариера.
При врачувањето на признанието, генералот Лафчиски го истакна неговото успешно извршување на задачите и професионалниот придонес во текот на долгогодишната служба, кое е резултат на неговиот личен ангажман, посветеноста и континуираното професионално усовршување.
Главниот наредник Ќирковиќ изрази благодарност до началникот на Генералштабот на Армијата, сите офицери, подофицери, цивилни лица и војници за соработката во изминатите 32 години активна служба. На подофицерите им порача: „Бидете професионални, дисциплинирани и секогаш бидете пример. Чувајте се меѓусебно, стојте цврсто еден до друг и бидете подготвени да ја исполните мисијата. Армијата е силна онолку колку што сме силни сите ние. Секогаш бидете во служба на татковината“.
Главниот наредник Горан Ќирковиќ ја извршуваше должноста главен подофицер на Армијата од 2023 година. За време на својот мандат беше одговорен за изградбата и функционирањето на подофицерскиот кор на Армијата, како и за советување и асистирање на началникот на Генералштабот на Армијата по прашања од доменот на подофицерскиот кор.
Во текот на воената кариера, главниот наредник Ќирковиќ, ги комплетира сите нивоа на системот за образование на подофицери, а за неговата професионална компетентност сведочат и многубројните награди и признанија со кои се стекнал за време на долгогодишната служба.








